Вардарци открија кога ќе се (пре)селат во Расадник - и кои средби ќе ги играат таму!

По повеќе од две децении, поранешниот европски шампион Вардар на почетокот од 2026 година ќе се врати во салата „Расадник“ која во минатото беше дом на овој клуб.

Тоа денеска го потврди првиот човек на клубот Михајло Михајловски на брифингот со новинарите со кој ја затвори 2025 година на спортски план.

„Реновирањето на салата 'Расадник' е во завршна фаза и треба да биде готова до крајот на јануари. Дотогаш треба да се завршат работите околу греењето и ќе биде достапна за екипата за тренинзи. Во таа сала е планирано Вардар да ги игра натпреварите од домашното првенство, додека за меѓународните останува во 'Јане Сандански'“, рече Михајловски.

Обновувањето на салата „Расадник“ почна во ноември минатата година и беше планирано да трае 20 месеци, но очигледно ќе заврши многу порано. До лани таа беше руинирана и долго време во неа немаше спортски активности, поради што Владата пред една ипол година ја даде во владение на општина Кисела Вода со цел да ѝ се врати примарната дејност.