Вардар утре ќе ѝ оддаде последна почит на Јулија Николиќ

Македонскиот ракометен шампион Вардар утре во СЦ „Јане Сандански“ од 20.45 часот ќе го пречека Монпелје во четвртото коло на Лигата на шампиони (ЛШ), а пред почетокот на мечот ќе ѝ биде оддадена последна почит на поранешната македонска репрезентативка Јулија Николиќ.

Николиќ почина синоќа околу 22 часот на 38-годишна возраст, и тоа ненадејно откако претходно немала здравствени проблеми. А од екипата на „црвено-црните“ испратија трогателни зборови за ракометарката која се пензионираше токму како член на Вардар.

„Секој што го носел дресот на Вардар е дел од нашето големо „цревно-црно“ семејство. И кога губиш дел од семејството, губиш дел од себе, и тагуваш.

Но, засекогаш останува во нашите сеќавања и срца.

Утре пред почетокот на средбата од ЕХФ лигата на шампионите ќе и оддадеме почит на нашата Јулија Николиќ (Портјанко).

Почивај во мир!“, соопштија од Вардар.