Најтрофејниот македонски тим Вардар славеше со 29-25 во дуелот со Тиквеш на домашен терен, во рамките на десеттото коло од ракометната Суперлига.

Тоа е седма победа по ред за „црвено-црните“ и со неа му се одмаздија на денешниот ривал за поразот од пред два месеца во Кавадарци кој може скапо да ги чини во борбата за титулата во домашното првенство. И денеска Вардар се соочи со проблеми, но успеа да ги реши со подобра игра во второто полувреме.

Во првиот дел, домашниот тим константно беше во водство, прво со три разлика, почнувајќи од осмата минута, а потоа и со највисоки +4 (13-9) на седум минути пред крајот на полувремето. Тиквеш успеа да се соземе и до паузата да намали на само гол негатива (13-14), најавувајќи драма до крајот на мечот.

Тесно беше до десеттата минута од второто полувреме (20-19), по што Вардар направи серија од 4-1 за ново водство од четири разлика (24-20), додека највисоките +5 (29-24) беа достигнати во последната минута од натпреварот. Косуке Јасухира со девет гола беше најефикасен во тимот на Вардар, шест постигна Лазаревски, а по четири Јагуриновски и Георгиевски. Кај Тиквеш, Срџан Мијатовиќ реализира седум гола, а Манасков додаде пет.

Со оваа победа Вардар привремено изби на првото место на табелата со 27 бода, еден повеќе од Пелистер кој утре му гостува на Охрид. До крајот на првенството остануваат уште четири кола.