Вардар ќе бара нова „бомбардерка“: Андреа Пенезиќ ја завршува кариерата?!

ЖРК Вардар уште сега има сериозна обврска на пазарот, бидејќи ќе мора да бара замена за Андреа Пенезиќ. 

Најдобрата хрватска ракометарка и прв стрелец на вардарки веќе неколку сезони, во интервју за ТВ Арена изјави дека во јуни, најверојатно ќе стави крај на кариерата.

Пенезиќ рече дека има намера да ги доврши студиите, но и дека сака да посвети повеќе внимание на своето семејство. Минатата сезона го продолжи договорот со Вардар до јуни 2018, така што ќе го доработи и, очигледно, ќе стави крај на кареиерата.

Пенезиќ има 32 години и е во врска со голманот на Ренова, Матија Кобетиќ, па веројатно ќе сакаат и да го прошират своето семејство.

Ракометарката која до 2015 ја прогласуваа за најдобра во Хрватска седум години едноподруго, се откажа и од репрезентативниот дрес, во септември. Во Вардар дојде во 2014 година и во 2015 година го делеше признанието за најдобар стрелец во Лигата на шампионите, заедно со Кристина Неагу. 

Од Вардар, засега, сигурно си оди и десниот бек Александра Лакрабер, така што македонскиот првак ќе има тешка задача на пазарот на квалитетни ракометарки.