Томче Стојановски по седум години се враќа во Вардар

Поранешниот европски шампион Вардар го промовира првото засилување за следната сезона, а тоа е Томче Стојановски кој по седум години се враќа во својот матичен клуб.

Македонскиот ракометар игра на бековската позиција и ќе биде големо засилување за „црвено-црните“ во одбраната.

„Потекнувам од академијата на Вардар и секако ми одговара оваа покана. Не се двоумев многу. Ги минав сите младински категории во овој клуб и среќен сум што клубот ме следеше во претходните сезони, а јас со своите настапи им го привлеков вниманието. Конкуренцијата во Вардар е голема, но јас сум подготвен за борба и знам дека секоја конкуренција е добредојдена. Сакам да освојувам трофеи со Вардар и убеден сум дека овој тим тоа го може. Едвај чекам да почнам да тренирам и да играм со моите нови соиграчи“, кажа Стојановски.