Самсоненко го жртвувал ЖРК, за да продолжи со РК и ФК Вардар!

Амандин Лејно е првата ракометарка на Вардар која официјализираше трансфер, откако раководството на ЖРК Вардар соопшти дека од следната сезона ќе продолжи со многу поскромен буџет. Французинката вчера беше претставена како нов голман на Ѓер, а веднаш излезе и нејзино интервју во „Л'Екип“, во кое раскажува детали за нејзиниот трансфер.

Само што се рашири веста дека ова е последна сезона за ѕвездите во Вардар, Лејно веднаш беше поврзана со Ѓер. Вели дека одамна имала желба, а сега, како да добила знак дека дошол моментот.

„Агентот ми даде неколку опции. Мојот избор падна на Ѓер, бидејќи тоа е Ѓер. Можеби е знак тоа што мора да си одиме, бидејќи секогаш сум сакала да играм за Ѓер, но никогаш не ми се исполнило. Тие сакаа две години, но јас претпочитав една сезона со можност за уште една. Ќе видиме, не знам дали ќе ми се допаѓа таму. Сакам да ја имам опцијата, ако посакам да се вратам во Франција“, раскажува Лејно.

Сакајќи или не откри кои се намерите на Сергеј Самсоненко со машкиот клуб. Кога им соопштувал дека ЖРК Вардар нема да функционира како и досега, очигледно им кажал дека останува во машкиот ракометен и во фудбалскиот Вардар.

„Претседателот ни соопшти пред две недели дека не планира да го задржи женскиот тим на истото ниво. Веќе ги има ракометарите и фудбалерите. Немавме избор освен да си одиме. Сепак, добро направи, зашто ни кажа доволно рано во сезоната, за да имаме време да најдеме нови клубови“, открива Лејно.

Во продолжение од интервјуто зборува и за тоа што ѝ значи Вардар и овие, без малку, пет години во Скопје.

„Во Вардар еволуирав, тоа ми донесе многу. Запознав нова култура, нова земја, една идилична атмосфера за тренирање во спортот број еден за таа земја. Ми донесе многу радост. Го сакам тој клуб и тажна сум што мора да заврши вака. Се надевам дека не требаше да дојде до ова, за да се мотивираме доволно и да ја освоиме ЛШ. Малку ми е чудно, бидејќи имаме уште два натпревара на домашен терен. Во Вардар секогаш има посебна атмосфера. Поминав пет години овде, дадов многу, а јас сум личност што се приврзува“, додава голманката.

Лејно дојде во Вардар во 2013 година и оттогаш се фантастичен тандем со Ина Суслина на голот. Меѓутоа, во последните две сезони, таа е очигледно првата опција, бележејќи двоцифрен број одбрани, речиси, на секој натпревар.