Прв пораз на Алкалоид - вицешампионот падна во Охрид!

Македонскиот вицешампион Алкалоид го запиша првиот пораз сезонава во ракометната Суперлига, откако вечерва загуби на гостувањето во Охрид со 26-30.

Охрид играше одлично од самиот почеток на натпреварот, домаќините имаа речиси беспрекорни први 30 минути, ги користеа сите грешки на Алкалоид, па на полувреме замина со предност од 16-9.

Алкалоид во вториот дел се трудеше да ја намали негативата, но избраниците на Стевче Алушовски успешно го чуваа водството, во последните 10 минути од мечот да влезат со шест позитива (24-18). 

Со мини серија од 3-0, гостинскиот тим намали на три гола негатива во финишот, меѓутоа Охрид не дозволи поголема неизвесност и славеше со 30-26.

Најдобар стрелец кај домаќините беше Цирар со 14 голови, додека голманот Ѓорѓески запиша 14 одбрани. Во редовите на Алкалоид најефикасен беше Дамјан Митев со седум гола.

Првенството станува супер возбудливо затоа што сега Пелистер има 14 бодови, по што следи Алкалоид со 12, Охрид има 11, Тиквеш 10, а Вардар девет бодови по четири одиграни кола во плејофот.