Пелистер победи, но Вардар се радува во Битола!
Битолчани и тоа како имаат за што да жалат, имајќи предвид дека цел натпревар ги контролираа случувањата на теренот, водеа убедливо, неколку пати и со девет разлика во второто полувреме, меѓутоа на крајот дозволија да бидат шокирани.
Нејц Цехте постигна гол за 28-21 во 58. минута и се чинеше дека приказната е завршена, меѓутоа „вардарци“ беа упорни. Со агилна одбрана, со расположен Мартин Томовски, постигнаа четири брзи гола едноподруго, при што последниот беше контра на Дарко Ѓукиќ реализирана со звукот на сирената за конечни 29-25.

До тие кобни минути, Пелистер одлично ја користеше кадровската предност во однос на Вардар, кој настапи без Косуке Јасухира, Стефан Петриќ и без Виктор Алонсо и со уште неколку ракометари кои беа зафатени од вирус во текот на минатава недела. Згора на тоа, по 40 минути се повреди и Матија Николиќ и не можеше да помогне.
Уште самиот почеток најави дека актуелниот шампион може да биде доминантен, бидејќи отвори со 7-1. Калифа Гедбан бранеше одлично, Вардар правеше грешки во нападот, дури и тактиката „7 на 6“ не функционираше како што треба.

На паузата Пелистер стигна до 18-11, а во вториот дел во три наврати имаше плус девет, додека Вардар ги промашуваше своите шанси, како на пример четири утнати пенали од шест обиди. Сепак, колку што изгледаше сигурна победата, разликата од пет гола, која ја диктираше првиот суперлигашки меч, од Скопје (30-25) битолчани како да ја заборавија и на крај победата излезе пирова.
Ненад Костески и Домен Тајник постигнаа по пет гола за победникот, кај Вардар по четири имаа Марко Срдановиќ, Милан Лазаревски и Ансер Родригез, кој се наметна како џокер. Калифа Гедбан имаше 12 одбрани, Мартин Томовски 11, од нив седум во вториот дел. Сега и Вардар и Пелистер имаат по 21 бод по осум кола, но скопјани се подобри во меѓусебниот однос, а според пропозициите тоа ќе пресуди на крајот од оваа прелиминарна фаза во првенството, што значи Вардар би завршил прв и би пренел три бода, а Пелистер како втор - два.