„Негувам иста ракометна филозофија како и (вардарците) Раул, Парондо и Дејвис!“

Новиот стратег на Пелистер, Шпанецот Рубен Гарабаха, го одржа првиот работен состанок и тренинг во Битола, најавувајќи дека ќе ја пренесе истата ракометна филозофија која ја дели со своите поранешни соиграчи и сега етаблирани тренери – Раул Гонзалез, Роберто Гарсија Парондо и Давид Дејвис.

Станува збор за три имиња познати на македонската јавност, како предводници или помошници во тимот на Вардар во времето кога тој доминираше во Европа, нешто што кулминираше со две европски титули.

„Со Раул, Парондо и Дејвис игравме заедно во Ваљадолид. Заедно ја споделуваме истата ракометна визија, која ни ја вгради нашиот ментор Хуан Карлос Пастор. Тој нè научи не само како да играме, туку и како да размислуваме како тренери. Денес секој од нас ја пренесува таа филозофија во својата работа и тоа е мојата основа во Битола“, рече Гарабаха.

Иако е само три години во тренерски води, шпанскиот стручњак истакна дека е подготвен за предизвикот и верува во потенцијалот на тимот. Тој ја нагласи амбицијата на Пелистер да доминира на домашната сцена, а во Лигата на шампионите да се оди чекор по чекор со цел да се победи на што може повеќе натпревари.

„Сакам секој играч да го даде својот максимум за тимот, а секој навивач да биде горд на нашата игра. Верувам дека избрав вистинска средина, бидејќи и клубот е во постојан развој“, додаде Гарабаха.