Навивачи на Охрид со купен билет останаа пред салата - клубот им се извинуваше!

На ракометниот клуб Охрид синоќа му се случи голем организациски пропуст откако голем број на навивачи со купени билети не можеа да влезат на натпреварот против Пелистер.

Многу охриѓани со купен билет наместо во салата останаа пред вратите на СРЦ Билјанини Извори. Револтираните навивачи мораа да се вратат дома иако платија за да го следат натпреварот во живо.

Клубот јавно им се извини за големиот пропуст и им вети бесплатен влез на следните два меча.

„ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ!
Почитувани,
На ниту еден натпревар на кој ГРК ОХРИД бил организатор досега не се јавил организациски проблем, па поради тоа сите Вие симпатизери коишто купивте карта за натпреварот помеѓу ГРК ОХРИД и РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР, а не бевте во можност да го следите истиот во живо во СРЦ БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ, клубот длабоко Ви се извинува поради таквиот организациски пропуст. 
По претходно укажување на редарските служби и службите при Министерството за внатрешни работи, а и од причина што натпреварот беше прогласен за меч од висок ризик, беше одлучено да се затворат вратите од спортската сала на половина час пред почеток на натпреварот.
Ве известуваме дека за преостанатите два натпревари од плеј-офот кои ГРК ОХРИД ќе ги одигра како домаќин против екипите на РК Пролет и ГРК Тиквеш, влезот ќе биде слободен за сите навивачи и симпатизери на ГРК Охрид.
ОХРИДЕ, Ви благодариме на Вашата поддршка во текот на целата сезона“, стои во извинувањето на ГРК Охрид.