Милиќ: Сакаа да ми намалат плата дека не сум ослабел, јас одбив!
Два дена откако почнаа подготовките за седмата сезона на Милиќ во Вардар, тој си заминува од екипата. Во причините за раскинот има доза незадоволство и од играчот и од клубот, но на крај, вели, мирно се разделиле.
„Не ослабев пред новата сезона, па сакаа да го промениме договорот, да ми ја намалат платата. Јас не се согласив на тоа и потоа разговаравме и се разделивме како луѓе“, вели популарниот Џамбо.
Ова не е првпат тој да има проблеми со тежината. Пред почетокот на сезоната 2014/15, Раул Гонзалес му изрече суспензија поради истата причина, но тогаш Милиќ покажа силен карактер и намали 20-тина килограми.
Се уште е рана фаза од претсезоната, па веројатно ќе се појават повеќе клубови како опција за еден од милениците на скопската публика во последниве неколку години. Засега вели мисли само на тоа што посрдечно да се раздели од неговиот долгогодишен дом.
„Ќе видиме за клуб. Сега сакам само да се поздравам со сите пријатели кои ги стекнав во Македонија. А ги има многу“, додаде Џамбо.
Тој дојде во Вардар во 2012 година од редовите на Партизан, а освен тоа што како замена на Штербик стана европски шампион, се истакна многу порано, во 2013 година, кога имаше блескав настап во „Автокоманда“, против „стариот“ Металург, кој му ја донесе последната титула на Вардар, пред ерата на Сергеј Самсоненко.