Михајловски ја искритикува РФМ: Македонскиот ракомет е во пад!

На годишното собрание на РФМ, презентирано беше обраќање на претседателот на РК Вардар, Михајло Михајловски, доставено во писмена форма, во негово отсуство. 

Во своето писмо Михајловски упати критики до работењето на РФМ и за развојот на ракометот во Македонија воопшто. Истакна дека Македонија има лош пласман на големите првенства во машка конкуренција во последните неколку години, кој не смее да биде доволен ни за раководството на федерацијата, ни за кој било во ракометот. Упати критики и за работата на младинските репрезентации, како и за квалитетот на женската, без разлика што таа ќе настапи на едно првенство, по пауза од десет години, поради тоа што ќе бидеме домаќини.

Михајловски потврди и дека Вардар е против промената на систем нанатпреварување и проширување на лигата.

„Проширувањето на лигата е инсистирање на квантитет, наместо на квалитет и претставува исполнување на интереси на одредени клубови. Со почит кон останатите клубови, но освен Вардар и Пелистер другите заостануваат со квалитетот“, пишуваше во писмото.

Првиот човек на Вардар ја искритикува и работата на РФМ, забележувајќи дека го менува системот на натпреварување доцна, на неколку месеци до стартот на новата сезона. Не го заборави и случајот со Марјан Начевски и одлуката за негова суспензија, која од Арбиражниот суд на ЕХФ беше поништена како ништовна. Последната забелешка беше за бројот на странци во Суперлигата, кој од селдната сезона ќе биде ограничен на шест. вардар побара да остане на осум, со предлог да има промени и во условите за ангажирање на тие странци, од аспект на нивните репрезентативни настапи.

Претседателот Живко Мукаетов одговори на овие критики дека од Вардар досега нема добиено ниту еден официјален предлог за конструктивна промена во работата на федерацијата или во некои правила.