„Криво ми е што никогаш не бранев за Вардар – со Комити ќе ја срушевме салата!“ (ВИДЕО)

Црногорскиот голман, Небојша Симиќ (33 години), периодов предизвика големо внимание во европските ракометни кругови со фантастичниот настап на завршницата од Европската лига, со оглед што речиси сам му го донесе трофејот на тимот на Мелсунген, каде што е од далечната 2017 година.

Деновиве, пак, е актуелен во македонската спортска јавност со изјавата дадена во еден регионален поткаст, дека му е многу криво што никогаш не дојде да брани за Вардар иако дбапати бил блиску до црвено-црниот дрес.

„Двапати имав понуда да дојдам во Вардар. Првиот пат уште кога бев во Ловќен (2010-2012 – н.з.), но тогаш бев навистина потценет, добив понуда за некаков стипендиски договор. Вториот пат ме викаа кога Дејан Милосављев потпиша за клубот (2018 година – н.з.), но тогаш веќе настапував во врвна форма во Мелсунген и немаше шанси да ме пуштат во Скопје. Навистина ми е жал што ништо од ова не се оствари, зашто ако се залетав кон оние 6.000-7.000 навивачи сигурно ќе се урнеше кровот од салата“, кажа Симиќ во поткастот.

Црногорецот беше често поврзуван со Вардар и поради фактот што неговиот татко Горан работеше како тренер на црвено-црните голмани.