Борко: Ова е казна базирана на страв и немоќ и е правно неиздржана!

Борко Ристовски излезе на средба со медиумите да ја сподели својата реакција на суспензијата од страна на Македонскиот олимписки комитет (МОК). На прес-конференцијата, тој се изјасни дека не ја почитува казната и, напротив, таа му дала повеќе мотивација за да докаже дека она што претседателот на МОК, Даниел Димевски, го квалификува како клевеа, всушност е вистина.

Поранешниот голман на македонската репрезентација ја отвори прес-конфренцијата со намера да продолжи да „го покаже криминалот на Даниел Димевски“, истовремено да го изнесе и својот став за казната изречена од МОК.

„Мислам дека од денес ќе почне една нова страница во македонскиот спорт и ќе се разјаснат многу работи. Можеби некој го знаеше она кое се случува во спортот, но не се објавуваше јавно. Сите ние знаевме дека зад еден човек стојат повеќе сомнителни ситуации, но јас кажав повеќе пати, можеби предиректно, преспортски, премногу македонски. Меѓутоа сега ќе го покажеме на друг начин, со документи, со индикации за многу криминал по повеќе основи и ќе оставиме на надлежните органи да реагираат и пресудат“, рече Борко на отворањето на прес-конференцијата.

Потоа продолжи за изречената суспензија од МОК, велејќи дека е базирана на страв и немоќ и дека нема намера да ѝ дава легитимитет.

„Одлуката на г-динот Даниел Димевски најмногу се базира на страв и на немоќ, затоа што апсолутно е правно неиздржана. Тој мисли дека со одредена ваква дисциплинска постапка, или казна, ќе ме одврати од намерата да ме заврши она коешто сум го почнал. Сакам да појаснам дека денес исклучително настапувам како Борко Ристовски, како спортист, така ќе ја водам и оваа битка. Сакам да се тргнат овие луѓе од спортот. Г-динот Димевски се прецени во неговите напади. Пред некого да нападнете, треба да го запознаете вашиот противник и да го знаете човекот. Ние имаме документи, а институциите ќе одлучат каков и дали имало криминал.

Човекот кој позади себе знае дека има многу индиции за сторен криминал, по мое гостување на една ТВ, се одлучи да се затскрива зад МОК, доведувајќи го во подредена ситуација, една таква институција. Тој правно можеше да поднесе пријава за клевета на суд па таму да се докажуваме, но реши да донесе една нелегитимна одлука која ниту ќе ја почитуваме, ниту ќе се жалиме“, изјави Ристовски.

Од правен аспект, недостатокот на тежина на суспензијата на МОК го објасни и адвокатот на Ристовски, Гого Атанасијевиќ, потесетувајќи дека и претседателот на дициплинската комисија на МОК вчера се изјасни дека нема ништо со суспензијата.

„Би почнал од вчерашниот дел каде ретерирањето на повиканот за одлуката, претседателот на Дисциплинската комисија на МОК, само ја потврдува специфичната тежина на одлуката и начинот на кој таа е донесена. По бројни консултации со колеги и правници, ова е типичен пример на т.н слаб-одлука која има единствена цел да го заплаши и да ме одврати од намерите мојот клиент во своето постапување. Тоа е одлука исклучиво за интерна употреба и нејзиниот опсег не го допира нашиот клиенд во неговото понатамошно дејствување“, кажа Атанасијевиќ во своето обраќање.