Здравковски: Сакам и јас да оставам трага во Шкотска како Миовски
Таму замина од кипарскиот АЕЛ Лимасол и досега забележа 11 настапи во првенството. За разлика од Миовски, Здравковски игра во средниот ред и нема толку можности да се истакне како неговиот сонародник, но има високи амбиции пред себе.
„Доаѓам од мала земја и благодарен сум на можноста да играм во странство иако никогаш не сум задоволен од себе. Имав многу пријатели во Македонија кои никогаш не добија шанса да заиграат надвор бидејќи тоа е многу тешко.
Не планирам да застанам тука, напорно работам за да станам стандарден играч во мојот тим и да докажам дека вредам. Го познавам Бојан Миовски од младинските репрезентации на Македонија, имаме одличен однос и пред да дојдам овде, зборував со него во врска со шкотското првенство и шкотскиот фудбал.
Тој игра одлично во Абердин и веќе направи имиџ во Шкотска, сакам и јас да го направам истото. Не велам дека ќе тргнам по неговите стапки бидејќи ние сме посебни личности, но сигурно е позитивен пример за мене“, вели Здравковски кој веќе ги освојува симпатиите на навивачите на Мадервел.
Идниот месец тој ќе наполни 26 години, а досега два пати беше повикуван во македонската репрезентација, за дуелите со Италија и Малта, но се уште го чека своето деби. Следна шанса ќе бидат мартовските пријателски натпревари против Молдавија и Црна Гора.