„Новак најдобро е да си оди, очигледно е дека Австралијците не го сакаат“

Поранешната најдобра светска тенисерка Жистин Енан му порача на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ дека е најдобро да си замине од Австралија, зашто очигледно не го сакаат таму да игра и дека сагата и малтретирањето треба да завршат на овој начин.

Белгијката, која освојуваше гренслеми и беше број еден своевремено, посочува дека заминувањето на Ѓоковиќ од Австралија е најдоброто решение, иако тврди дека тоа не значи дека српската ѕвезда не треба да се бори, ама сета оваа сага околу неговиот претстој веќе стана малтретирање.

„Мислам дека најдобро во моментов е да се откаже од турнирот. Кога сѐ е така компликувано, тоа е најдобро решение. Не мислам дека Новак треба да престане да се бори, затоа што мисли дека тоа е најдобрата работа, ама сѐ повеќе гледам дека Австралијците едноставно не го сакаат. Не сакаат да го видат да игра и затоа можеби најдобро решение е да си оди, како за тенисот, за турнирот, можеби и за него“, рече Енан.

На Ѓоковиќ денеска повторно му беше укината визата од министерот за имиграција Алекс Хоук, па повторно почна судска постапка која ќе продолжи вечерва по македонско време. Првиот гренслем стартува во недела навечер по македонско време.