Вардар пак ќе живее - обезбедени се пари за спас на шампионот!

Решение за спас на најтрофејниот македонски клуб Вардар е конечно пронајдено за да се избегне тотална пропаст на македонската гордост по денешниот генерален состанок на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, претставникот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП), управата во заминување на вардарци, како и адвокатите на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Вардар е единствениот македонски прволигаш кој сѐ уште не стартувал со подготовките, а во исчекување на позитивни сигнали, тимот веќе го напуштија најдобрите фудбалери што моментно ги имаше клубот од капитенот Дарко Мицевски, Матеј Цветановски, Јован Попзлатанов, како и странците Марко Мартинага и Чарлстон.

На денешниот состанок е изнајдено решение како Вардар да се спаси и да се избегне тоталната пропаст, за тимот да ги почне подготовките, а да донесе и некое засилување во следниот период за да се склопи солиден тим кој ќе ја доигра пролетната полусезона. До влегувањето на катарската инвестиција во клубот, Град Скопје треба да обезбеди пари за колку толку нормална работа на актуелниот македонски првак. 

Неофицијално дознаваме дека на денешниот состанок, начелно е договорено Вардар АДССДП (бивш ПУИГ) да ја прости каматата на долгот во висина од 60 илјади евра.

Град Скопје, од друга страна, се обврза да обезбеди 100.000 евра со кои ќе се плати основицата на долгот и сметката ќе биде деблокирана.

Во сета акција за спас на клубот од пропаст ќе помогнел и Сергеј Самсоненко, кој треба да обезбеди 100.000 евра за да се обезбедат плати за фудбалерите, но и да се ангажираат неколку засилувања, за тимот да не остане само на младинци.

Соо ваучерот од АМС, вреден 170.000 евра, кој ќе треба да се реализира идниот месец ќе се исплатат четири заостанати плати, по што Вардар треба да влезе во мирни води.

Во меѓувреме ќе се расчистува состојбата за влезот на Катарците во клубот, кои треба да го преземат раководењето како дел од многу поголеми инвестиции во земјава.

Вардар повеќе од две години е во голема финансиска криза, со блокирана сметка и наталожен милионски долг, поради кој летово се распадна комплетниот шампионски тим кој ја освои титулата во прекинатата Прва лига.

Зимава егзодусот на најдобрите играчи продолжи, згора на тоа, од екипата си замина и првиот тренер Александар Васоски по шест години минати во клубот.