
Смешка на 2020 година: Самсоненко сѐ ќе исплати!
Две години Вардар е во тешка финансиска ситуација, по која редовно секој преоден рок си заминуваа играчи, а годинава буквално се распадна шампионскиот тим, откако коронавирусот ја прекина сезоната, која не се доигра. Па, се „трчаше“ да се најдат финансии за лиценца, се испреплетоа приказни дека клубот во екот додека траеше лиценцирањето летово ќе премине во други сопственички раце, за на крај клубот да се доведе во ситуација и едвај скрпената екипа од август полека да почне да се распаѓа, а досегашниот прв тренер Александар Васоски да го напушти клубот по шест години и премина во претпоследната Академија Пандев.
Вардар стана само играчка за која сите се изнаслушавме приказни и куп лаги, а сѐ почна од мај, кога навивачите очекуваа дека рускиот газда Сергеј Самсоненко ќе ги подмири долговите за да се извади лиценцата, тој ги шокира со писмо со кое се – откажа од клубот. И најави дека ќе ги подмири долговите што се направени во неговото време до откажувањето, ама...
„Не сум повеќе во можност да ги исполнувам финансиските обврски и со цел да ја заштитам иднината на еден од најголемите спортски брендови, принуден сум да го вратам ФК Вардар на градот Скопје. Верував со својата визија и во визијата на сите играчи, заедно постигнавме многу, но за жал околностите се такти што јас морам принудно да се повлечам од оваа приказна. Воедно ја информирам јавноста дека ги преземам сите веќе достасани обврски на клубот со цел да го отворам патот за новите идни инвеститори, кои искрено посакувам и се надевам дека ќе успеат во иднина да го задржат успешното функционирање и ренимето на клубот кое ние го изградивме во изминативе години“, објави тогаш Самсоненко.
Но, годината помина, а од подминувањето на долговите, кои подоцна излегоа дека се најмалку 3,65 милиони евра со блокади на сметката (сега се најавува дека сумата пораснала уште повеќе), го дотурка клубот на работ на бездната. Град Скопје бара(ше) клубот да се врати на нула, како што е и преземен, а од газдата во заминување барем досега не е исплатено ни евро од долгот.
Но, кога шампионскиот тим се распадна, а во „пет до 12“ на десет дена пред стартот на новата сезона едвај се скрпи нов, директорот на клубот Самоил Симев најави уште побомбастично градот да се спреми да го преземе клубот, зашто и тој гарантирал дека Самсоненко до декември сѐ ќе исплати.
„Самсоненко ги презема сите долгови што се направени до 31 мај, ние останавме во клубот за да не се случи најцрното сценарио. Самсоненко до декември ќе исплати сѐ, а градот уште сега може да си назнали нов директор, нова управа. Од декември сликата ќе биде поинаква за клубот, без долгувања, градот од декември мора да го преземе Вардар, а треба и сега да го преземе. Самсоненко ќе ги исплати долговите. Зад тоа дека Самсоненко ќе исплати цврсто стојам јас, а и Самсоненко. Реалноста е таа и треба да почекаме за јавноста да се увери дека ќе се ќе биде исплатено“, рече Симев на првиот собир пред стартот на сезоната.
Оттогаш, ниту новата екипа виде пари, ниту клубот исчисти барем нешто, макар и ситно од преголемиот долг. Ниту јавноста виде дека управата и газдата во заминување си стојат на зборот.