Вардар ја пријави за ЛШ најголемата голманска надеж во Македонија (ФОТО)
За остатокот од сезоната во Лигата на шампионите Вардар го пријави Марко Кизиќ. Станува збор за 16-годишен голман од школата на црвено-црните, кој е огромен потенцијал.
Тој беше дел од репрезентацијата до 17 години, предводена од Данило Брестовац, која последниов викенд гостуваше во Полска на подготвителен турнир. Кизиќ уште сега е корпулентен за својата генерација, со широк распон на рацете, но и добар рефлекс. Има и повозрасен брат, Никола Кизиќ, кој е младински репрезентативец.
„Малиот Кизиќ е многу голем талент, се гледа уште сега дека го има чувството и ако работи како што треба ќе биде голман. Тој ќе биде македонскиот Ландин“, во шега, но истовремено сериозен коментира за него и тренерот на репрезентативните голмани, Александар Царчев.
Според правилата на ЕХФ, во ноември е вториот „прозорец“ за пријавување на нови играчи, па сега Вардар има четворица голмани со Штербик, Милиќ, Ѓорѓески и младиот Марко Кизиќ.