Судењето никогаш полошо, клубовите „врескаат“, ФФМ молчи!

Македонската фудбалска елита стигна да одигра само осум кола, а бројот на жалби и поплаки на судењето за грешките на арбитрите во оваа сезона да не може да се добројат од прволигашите, кои реагираат на неверојатно ужасната и преслаба арбитража на судиите во новата сезона.

Скоро да нема клуб кој во овие осум рунди, откако на почетокот на август почна новата сезона во Првата лига, се нема пожалено на судењето. После вчерашното коло (денеска Пелистер и Вардар ја затвораат оваа рунда), најсилно „врескаат“ Борец и Струга за лакрдија на судиите и неверојатни пенали во нивните порази на Чаир кај Шкупи (0-3) односно во Ѓорче Петров кај Македонија ЃП (0-2).

„Дуелот беше директно под влијание на судиски одлуки кои често се јавуваат во одредени натпревари на нашата екипа и тоа од лица неспособни да ја вршат својата работа“, велат стружани.

Уште побрутални во нападите се велешани, кои реагираат на арбитражата на Кримислав Георгиев, ама уште пожестоко го нападнаа поранешниот наш најдобар судија Емил Божиновски, кој сега е прв човек на судиската комисија на ФФМ.

„Ние сме за фер и спортска борба, не за изживување на некој судија како денешниот Крумислав Георгиев, кој како да беше од „небо фрлен“ да суди еден толку значаен натпревар. Но, за тоа нека се замисли, или пак тоа му беше смислено направено, оној што ги делегира судиите. А,тој не е никој друг, туку Емил Божиновски, кој се устоличи во ФФМ и не може никој да го мрдне. Тој е вистинска „сила“, пред него дури и искусните судии молчат. Од каде толкава моќ кај човекот што искористи се што можеше да се искористи во фудбалот, дури е и делегат на значајни европски натпревари, не знаеме, но едно е јасно дека што поскоро тој ќе мора да ја напушти удобната фотелја, зашто со своиоте делегирања на судии нанесе многу неправди. Ова, ние најубаво го почуствувавме. Еве и пример како потврда на гореизнесениот факт: На двете последни гостувања против нас беа досудени три пенали - еден во Кратово и дури два непостоечки на денешниот натпревар со Шкупи на Чаир“, велат велешани меѓудругото.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) како по обичај си молчи, па како и секојпат досега во првенствата наназад, судиите ќе си добијат преодни оценки за добро отсвирена сезона, а проблемите и неквалитетот ќе бидат турнати под тепих, а фалбите ќе испливаат дека „одлично се организирала и одиграла сезоната во прволигашката конкуренција“.

Жалбите на арбитражата на Борец и Струга не се единствени. Судиите во Струга пред три кола „измислија“ офсајд за Силекс, кој се жалеше и на ужасната арбитража и пенал во минатото коло за Академија Пандев, Ренова пред две кола се жалеше на пенал против нив против Шкупи, исто како и Македонија ЃП која се жалеше на „смешни одлуки“ за пенал(и) против нив на Чаир, пандевци реагираа за пеналот и поразот од Вардар...

И ова се само мал дел каде судиите директно влијаеле на мечевите, а настрана уште „малиот милион“ грешки кои ги прават сезонава, покажувајќи дека во моментов очигледно нашите арбитри не се дораснати за да судат вистински фудбалски мечеви, па не треба да чуди ни тоа што останавме само на Александар Ставрев, како единствен судија кој дели правда во европските мечеви (Лига Европа) и што очигледно нема на повидок некој нов судија кој би бил дел од Лигата на шампионите или Лига Европа во догледно време.