УЕФА потврди: Македонија носител во Лига на нации! (ФОТО)
Македонија со четирите бода освоени во завршните два мундијалски квалификациски мечеви (реми со Италија и победа над Лихтенштајн) успеа да се избори за статус носител за ждрепката на 24 јануари во Лозана. Македонија ќе игра во најслабата Лига Д и со статусот носител, како и составот на оваа најслаба лига, црвено-жолтите сега имаат широко отворени врати кон Евро 2020, па потребно е за почеток да бидат први во својата група, а потоа низ полуфинале и финале да ја бараат шансата за историја против трите други победници во групите во оваа најслаба лига од Лигата на нации.
Македонија е втора по рејтинг, веднаш зад Азербејџан меѓу носителите, а уште во првиот шешир се и Белорусија и Грузија. Во вториот шешир се Ерменија, Летонија, Фарски Острови и Луксембург, во третиот Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн и Малда, а во најслабиот Андора, Косово, Сан Марино и Гибралтар.
Во Лига Д, каде што ќе игра Макеоднија ќе има четири групи по четири репрезентации, а на ждрепката нема да може да се паднат Азербејџан и Ерменија во иста група. Лига Ц ќе има три групи по четири селекции и една со три, а најсилните две лиги А и Б ќе бидат формирани со по три групи по четири селекции.
Ќе се игра од септември до ноември по два меча во месец, дома и на гости, а победниците ќе изборат пласман за плејофот, кој е закажан за март 2020 година, по евроквалификациите во 2019 година (од март до ноември). Во плејофот играат сите победници во групи по лиги, а четирите најдобри преку полуфинале и финале ќе обезбедат пласман на Евро 2020.