Шпанците најдоа чаре за полни стадиони! Со ваква мерка во Македонија ќе банкротираат клубовите!

Шпанската Ла Лига, изгледа, го најде решението за да ги наполни трибините и, барем, малку да заличи на Бундеслигата, каде што тежат стадионите.

Од неодамна, во сила стапи правилото за казни за клубовите ако на нивните домашни натпревари стадионите не се полни барем 70 отсто од капацитетот. Засега најмногу страда Селта Виго, чиј стадион „Балаидос“ има капацитет од 29.000 седишта. Досега одигра два домашни натпревара во новата сезона и двапати заработи казна бидејќи публиката беше помалку од 20.300, колку што е 70 проценти од вкупниот капацитет.

Во мечот со Реал Сосиедад, Селта ја гледаа 16.960 луѓе, а со Алавес – 17.380. Затоа, раководството реши да ги намали цените на билетите и тие сега чинат од 15 до 40 евра. Згора на тоа, за сите гледачи до 25 години има попуст, па најевтините билети, зад голот чинат 10 евра.

За да биде бељата поголема, Селта во следните две кола игра против Еибар, а потоа со новопечениот прволигаш, Џирона, кои не се многу атрактивни противници. Меѓутоа, раководството ќе мора да ја разбуди креативноста и да најде начини како да ја мотивира јавноста од Виго и од Галиција да доаѓа на натпревари.

Токму тоа е идејата на оваа мерка, која, изгледа, треба да се тестира и во македонското првенство со оглед на празните стадиони. Меѓутоа, кај нас и 70 проценти е мисловна именка. Да го земеме за пример Вардар со новиот, привремен дом во Маџари, „Борис Трајковски“, чиј капацитет е 3.000 седишта. Со правилото од Шпанија, Вардар би плаќал казна ако на секој домашен натпревар би немал 2.100 гледачи.

Шкендија, пак, на „Еколог арена“, која има 15.000 седишта, би морала да има 10.500 гледачи по натпревар за да се спаси од санкциja, а во идентична ситуација би била и Победа, на „Гоце Делчев“. Да не ни почнуваме да ја отвораме раната со „Филип Втори“, под претпоставка дека Вардар или Работнички би се вратиле. Казна би избегнале ако на секој натпревар имаат по 23.450 гледачи, што претставува 70 отсто од капацитетот од 33.500! Таква бројка немавме ниту на европскиот меч со Зенит.