Вардаровото засилување од Гана оди на едногодишен заем во Пелистер

Летното вардарово засилување од Гана, Мустафа Куајнор ќе игра на едногодишен заем во битолски Пелистер со цел да стекне искуство за во иднина.

Куајнор дојде пред речиси три недели во Вардар заедно со бразилскиот напаѓач Итало, но во овој момент младиот 22-годишен фудбалер е прекуброен во таборот на црвено-црните, па вардарци ќе го позајмат на Пелистер за да стекне искуство. Последен клуб за кој играше е Паское Веле во Австралија, а претходно има искуство од играње во АЕЛ Лимасол, Алки Ларнака и Ермис на Кипар.

„Младиот Куајнор го пуштивме на едногодишен заем во Пелистер со цел да стекне искуство. Донесен е Вања Марковиќ, кој мислам дека ќе биде добра замена за Спировски. Целта е да донесеме млади фудбалери, како и во случајот со Максим Максимов и да ги задржиме на подолг период, за тимот поголго време да игра заедно. Јас кажав и претходно, целта не е инцидентно да играме во Европа“, вели спортскиот директор Дарко Панчев.

Во момнетов во средниот ред Вардар го има новото засилување Вања Марковиќ, како замена за Стефан Спировски, кој замина во унгарски Ференцварош, тука се и заменик капитенот Никола Глигоров, младиот репрезентативец Боби Николов, Бразилецот Фелипе, грузиецот Џамбул Џигаури, а по потреба може да помогне и Дарко Велковски.