Познати цените за блок-билетите на Вардар во Лига Европа (ФОТО)

Историскиот настап на македонскиот шампион Вардар во групната фаза во Лига Европа ќе може вардаровите навивачи да го гледаат во дуелите со Зенит (14 септември), Реал Сосиедад (19 октомври) и Розенборг (7 декември) по екстра популарни цени за дебито во најмасовното натпреварување.

Иако клубот сѐ уште не ги објави цените, Спорт1 дојде до информацијата за тоа колку ќе чини да се гледа Вардар во Европа. Црвено-црните за трите пресметки ќе пуштат блок влезници по цена од 1.400 до 3.000 денари во зависност од местото за седење на четирите трибини на Националната Арена „Филип Втори“. Купувањето на блок билети носи и попуст за навивачите, затоа што три влезници за три меча во просек би било цена од 500 до 1.000 денари. Ќе се продаваат и поединечни билети за секој меч, а цената е од 600 до 1.200 денари.

Најскапи се влезниците за централните блокови на двете најголеми трибини, јужната и северната, нешто поевтини се страничните делови на овие две трибини, додека најевтини се влезниците за трибини позади головите - западната и источната, како и за крајните блокови на јужната и северната.

За разлика од тоа што го направија со првиот дуел од плејоф-пресметката со Фенербахче, за која првичните цени беа од 2.000 до 3.000 денари, вардаровата управа сега со вистински потег им овозможува на навивачите да го наполнат „Филип Втори“, а тоа би било дополнителен ветер в грб за фудбалерите да направат уште некое изненадување на своето деби во најмасовното натпреварување.

Вардар во оваа година слави седум децении од своето постоење, три децении од првата шампионска титула во историјата, а јубилеј од 30 години слават и најверните навивачи Комитите.

По ова, сега е на Скопје и на сите вардарци да ја наполнат Арената.