
Од модерни услови до мизерија: На тренинг-кампот на Вардар му се заканува – катанец?!
Една недела пред стартот на новата сезона во Првата лига и гостувањето на „жешкото дерби“ во Тетово кај Шкендија, најверојатно в сабота од 17 часот (поради настапот на тетовци во квалификациите за ЛШ), фудбалерите на Вардар освен што тренираат во нервоза, чекајки секој ден некаков прилив на заостанатите плати, сега имаат само мизерни услови за тренинг.
Вработените во тренинг-центарот извесен период веќе се подготвуваат за штрајк зашто пари нема за - ништо. Ниту за плати, бидејќи им се должи еднакво како и на сите во клубот, вклучувајќи ги и фудбалерите, ниту за набавки, а главниот терен не се одржува, па од трениг до тренинг е сè полош. Најтрагично, можеби, во целата ситуација е што во моментов никој не знае каква ќе биде иднината. Во кулоарите, пак, се шпекулира дека дел од вработените веќе и си заминале од работното место, па полека почнува да виси судбината на четири милиони евра скапото здание, кое требаше да го крене нивото на црвено-црните.
Колку за потсетување, тренинг-базата на вардарци беше изградена за клубот да има мир и идеални услови за подготовка и во комплексот фудбалерите го одработуваа карантинот пред мечевите и ги имаа сите услови да се фокусираат само на тоа што им претстои. Кампот на Вардар беше свечено отворен на 21 ноември 2015 година. Во него беа инвестирани над четири милиони евра и освен соби за фудбалерите (16 вкупно), има уште и медицински центар, СПА-центар, простории за анализа и подготовка на мечевите, канцелариски простории за стручниот штаб, како и две игралишта, едно на природна и едно на вештачка трева.
Со ова, Вардар доби свој дом каков што немаше во 71-годишната историја, а нешто подоцна беше изградена и Академијата зад источната трибина на Националната Арена „Филип Втори“, чиј последен дел, музеј и кафетерија, засега, остануваат недовршени. Црвено-црните, пак, откако дојде рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко во јануари 2014 година освои три шампионски титули по ред, а лани напиша историја како прв македонски клуб кој обезбедил групна фаза во Лига Европа.
Но, откако летово европската авантура заврши за само седум дена со два порази од Пјуник со вкупни 0-3, почна бурата во најтрофејниот клуб, со најавата за повлекување на рускиот бизнисмен од клубот и преземањето од страна на град Скопје. Пред две недели, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, беше во тренинг-центарот на Вардар каде што се воделе разговорите за примопредавањето на клубот. Инаку, Вардар од пред повеќе од две недели е со блокирана сметка, во „пет до 12“ успеа да ја плати котизацијата за настап во Првата лига и избегна да биде исфрлен од елитното друштво, но наталожените проблеми сега излегуваат на површина, затоа што на актуелните фудбалери им се должат плати, а долгови има и кон поранешните играчи, кон вработените... Севкупно се шпекулира со околу два милиони евра долгови кои треба да бидат подмирени пред градот да го преземе раководењето.
Со неизвесната судбина, а и со неодржувањето на теренот, многу брзо, ако работите не се поправат, првиот тим ќе почне и да го одбегнува кампот за подготовките за мечевите, зашто никаков ќар нема екипата ако нема нормален терен за работа. Клубот многу лесно може да се врати на годините кога талкаше низ Скопје за да најде терен за тренинзи, па сега тоа не се исклучува како опција, ако продолжи агонијата во тренинг-базата.
Засега, фудбалерите тренираат во кампот, ама останува прашањето до кога ќе биде така, ако нема подобрување. Најтрагично е што ако првиот тим „избега“ оттаму поради лошиот терен, четири милионското здание полека ќе замине во заборав, освен ако брзо не се изреагира и ситуацијата не се доведе во нормала.