Покетино од денеска стапува на сцена во Јунајтед, но ќе биде само „главен тренер“!

Аргентинскиот стратег, Маурисио Покетино, денеска и официјално треба да биде претставен како нов предводник на Манчестер Јунајтед, пренесуваат најугледните британски и американски медиуми.

Искусниот 54-годишен стручњак постигна договор со раководството на клубот за да ги води „црвените ѓаволи“ до крајот на тековната, а потоа уште најмалку две полни сезони. Досегашниот селектор на репрезентацијата на САД ќе ја одржи својата прва тренинг-сесија со екипата на 18 ноември, само четири дена пред големото дерби против Ливерпул во Премиер лигата. Тој доаѓа како наследник на неодамна отпуштениот Мајкл Керик, кој на клупата помина шест месеци како привремено решение и помалку од пет месеци со постојан договор.

Исклучително важен детал во новиот ангажман е фактот што Покетино, исто како и неговиот претходник, нема да ја има класичната англиска функција „менаџер“, туку официјално ќе биде именуван како „главен тренер“. Оваа одлука произлегува од актуелната хиерархиска структура на Манчестер Јунајтед, која повеќе не дозволува целосната спортска власт да биде концентрирана исклучиво во рацете на човекот кој го води првиот тим, модел кој функционираше беспрекорно за време на ерата на легендарниот Сер Алекс Фергусон.

Со доаѓањето на аргентинскиот стручњак, клубот од „Олд Трафорд“ ќе го добие својот дванаесетти различен предводник по повлекувањето на славниот Шкотланѓанец во 2013 година. Во улога на постојани решенија низ годините продефилираа Дејвид Мојс, Луис ван Гал, Жозе Мурињо, Оле Гунар Солскјер, Ерик тен Хаг, Рубен Аморим и Керик, додека тимот привремено го водеа Рајан Гигс, Ралф Рангник, Руд ван Нистелрој и Дарен Флечер. Овој тринаесетгодишен период на резултатска и тренерска нестабилност се покажа како исклучително скап за англискиот гигант, кој за исплата на отштети поради предвремените раскинувања на договорите со отпуштените тренери потроши повеќе од 140 милиони евра.