Експлозија во Вашингтон: Канингем броеше до 52 (ВИДЕО)

Неверојатен натпревар одиграа Вашингтон и Детроит во НБА-лигата, а по дури две продолженија, гостите славеа со 144-140. Во центарот на вниманието беше Кејд Канингем, кој одигра натпревар за паметење и постигна фантастични 52 поена.

Ѕвездата на Детроит го собори личниот рекорд, а покрај поентерскиот учинок, забележа и 11 асистенции, без ниту една изгубена топка. Со тоа испиша историја во НБА-лигата, станувајќи првиот кошаркар кој постигнал најмалку 50 поени и поделил најмалку 10 асистенции без ниту една загубена топка.

Канингем беше незапирлив, погодуваше од сите позиции и со 17 успешни слободни фрлања од 18 обиди имаше огромен придонес во победата на својот тим. Драмата беше неверојатна. Вашингтон двапати успеваше да се врати во натпреварот, а Тре Јанг со погодок во завршницата обезбеди прво продолжение. Потоа следуваше нова неизвесност и уште пет минути кошарка во кои Детроит конечно го скрши отпорот на домаќините.

Одличен натпревар одигра и Аусар Томпсон, кој го забележа првиот трипл-дабл во кариерата со 17 поени, 11 скокови и 11 асистенции. Кај Вашингтон, Тре Јанг постигна 37 поени, додека Ентони Дејвис и Алекс Сар завршија со по 30 поени.

Филаделфија славеше против Торонто со 123-112 и ја прекина надежта на канадскиот тим за прекин на негативната серија. Тајрис Макси беше меѓу предводниците на победничкиот тим со 27 поени, додека Џоел Ембид додаде 20. Кај Торонто, Ар Џеј Барет беше најдобар со 31 поен и 14 скокови.

РЕЗУЛТАТИ:
Филаделфија – Торонто 123-112
Вашингтон – Детроит 140-144
Минесота – Далас 133-94
Феникс – Шарлот 101-96.