Вардар во битка за врвот ја пречекува Струга, Силекс ја освојува „Автокоманда“!
Овој дуел е директна пресметка на два тима со шампионски амбиции кои се позиционирани веднаш зад лидерот Шкендија од Тетово. Гостите од Струга во моментов се наоѓаат на втората позиција на табелата и имаат психолошка предност откако во август го совладаа Вардар (1-0), додека традицијата најавува тврд натпревар. Евентуална победа ќе го пробие Вардар на второто место, додека од нерешен резултат најголема корист би извлекол тетовскиот лидер.
Стратегот на стружани, Бледи Шкемби, чија екипа оваа есен игра одлично и почна да бележи победи и на гостински терен, е умерен оптимист пред гостувањето кај шампионот, иако смета дека резултатот нема да биде пресуден за конечниот изглед на табелата.
„Против Вардар имаме тежок натпревар, како и речиси секоја недела од првенството. Сакаме да одиграме добар меч, ќе играме за победа. Секако дека мора да го почитуваме противникот и да дадеме сѐ од себе“, изјави Шкемби.
Два часа претходно, на стадионот „Автокоманда“, екипата на Силекс ќе му гостува на Скопје во натпревар во кој влегува во одлична форма. Кратовци очекуваат продолжување на победничката серија остварена преку триумфите над Башкими и Шкендија во првенството, како и елиминацијата на Пелистер во Битола во рамките на Купот на Македонија. Домаќините се наоѓаат на последното место со само три освоени бода и повеќе од два месеци не знаат за позитивен првенствен резултат, иако во меѓувреме забележаа две куп-победи. Од таборот на Скопје порачуваат дека секој нареден натпревар за нив е екстремно важен, додека фудбалерот на Силекс, Кристијан Ефтимов, нагласи дека нивната екипа нема да се опушти.
„Ја анализиравме екипата на Скопје. Имаат свои квалитети и нема да нѐ залаже нивната позиција на табелата. Ќе дадеме максимум и се надевам дека ќе продолжиме со добри игри и дека оваа победничка серија на Силекс ќе продолжи и во следните натпревари“, порача Ефтимов.
Третата денешна пресметка носи дуел на две екипи кои се наоѓаат во голема резултатска криза, откако Башкими ќе го пречека составот на Арсими. Кумановскиот прволигаш нема триумф веќе три кола, а шефот на стручниот штаб Муарем Муарем се соочува со огромни проблеми во нападот по двата домашни порази од Шкендија Арачиново и Силекс, на кои тимот не постигна ниту еден погодок. Фудбалерот Енсар Саити го оцени дуелот како пресуден за тимот, повикувајќи ги навивачите да ги наполнат трибините. Нивниот противник Арсими е во уште полоша серија од седум елитни рунди без победа, а во Куманово доаѓа по шокантниот пораз од Брегалница во последните секунди од натпреварот. Историјата е на страната на Арсими, кој во досегашните 12 меѓусебни пресметки славел шест пати, наспроти трите победи на Башкими и трите нерешени средби.