Историска вечер за Штип: За првпат во градот ќе се игра Лига на шампиони!

Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД денеска од 18 часот во СРЦ „Џексон“ во Штип ќе се соочи против Орион Старс од Холандија во реваншот од првата рунда на ЦЕВ Лигата на шампиони.

Орион Старс со максимален резултат се радуваше на првата средаба, а ќе влезе и во реваншот како фаворит.

„Орион Старс е еден сериозен противник, располага со квалитет, но и сериозен буџет. Резултатот во првиот меч донекаде е очекуван. Истовремено сметам дека и ние можевме да дадеме посилен отпор, што верувам дека ќе се случи сега, на домашен терен. Се надевам дека со подобра игра на приемот и на блокот ќе можеме подобро да му парираме на противникот и да покажеме заби“, кажа Стојче Арсов.

Ова ќе биде историска вечер во Штип затоа што за првпат во градот под Исарот се игра натпреваро од најелитното европско клупско натпреварување.

„Ова е историска вечер! Прв натпревар во Штип и во СРЦ Џексон од овој калибар и зошто да не приредиме изненадување!? Потребна ни е поддршка од публиката, која ќе биде наш седми играч. Од друга страна не знам кога во иднина ќе имаат повторно шанса да бидат дел од еден дуел во Лигата на шампионите. Влегуваме одморени и подготвени, и покрај тоа што распоредот ни е густ поради настапот и во домашната лига. Со ладни глави, ветувам подобра игра и борбеност и ги повикувам сите на уште еден спектакл кој ќе го понуди нашиот колектив“, посочи Михајло Мирасчиев.

Натпреварот меѓу Штип УГД и Орион Старс се игра од 18 часот.

Фото: Facebook/Одбојкарска федерација на Македонија