Дончиќ прв ја проби границата од 50 поени сезонава (ВИДЕО)
Тој стана првиот кошаркар во новата сезона во НБА лигата кој постигнал најмалку 50 поени на еден натпревар. Со тоа уште еднаш покажа колку големо влијание има врз играта на Лејкерс, кои ја продолжија сезоната со максимален ефект. Словенецот натпреварот го заврши со 52 поени, 10 асистенции и осум скока, а погоди и осум тројки. Од поле шутираше 17/30, додека од линијата за слободни фрлања имаше 10 успешни обиди од 11.
За Дончиќ ова беше десетти натпревар во регуларниот дел од сезоната во НБА на кој постигнал најмалку 50 поени.
Лејкерс славеа на крајот, но мораа да вложат сериозен напор за да стигнат до победата. Јута имаше одличен почеток и во првата четвртина изгради предност од 47-29, користејќи ги проблемите на гостите во одбраната. Дончиќ почна да ја презема контролата врз натпреварот, а Лос Анџелес постепено ја топеше негативата. До полувремето гостите веќе имаа предност од 74-71, во голема мера благодарение на расположениот словенечки плејмејкер и придонесот на Остин Ривс.
Во завршницата од натпреварот, кога Јута повторно се закани, Дончиќ беше на висината на задачата. Со две последователни тројки во клучниот период помогна Лејкерс да направат серија од 14-5 и да поведат со 127-121 на 1:42 минута до крајот. Тоа се покажа како решавачки момент за конечниот исход. Ривс го следеше со 29 поени, а двајцата заедно реализираа 21 од 24 слободни фрлања. Во редовите на Јута Џез, Лаури Марканен постигна 28 поени, додека Кејтон Џорџ заврши со 24 поени и по 10 скока и асистенции. Џерен Џексон Јуниор додаде 20 поени, а Аце Бејли оствари учинок од 17 поени и 12 скока.
И покрај добриот почеток и предноста од 18 поени, домашниот тим не успеа да го задржи ритамот во продолжението. Лејкерс ја искористија индивидуалната класа на Дончиќ и подобрата реализација во клучните моменти за да ја преземат контролата. Со овој триумф, Лејкерс стигнаа до учинок од три победи без пораз на почетокот на сезоната, додека Јута ќе мора да ги анализира пропустите што ја чинеа победа.
Дончиќ со овој настап стигна и до уште едно значајно достигнување: ја проби границата од 3.000 поени во регуларниот дел од сезоната во дресот на Лејкерс по само 95 натпревари, побрзо од претходниот клупски рекорд на Карим Абдул-Џабар, кому му биле потребни 109 натпревари.
РЕЗУЛТАТИ
Јута - ЛА Лејкерс 123-132
Бруклин - Индијана 109-136
Оклахома - ЛА Клиперс 108-101
Њујорк - Орландо 102-111
Минесота - Торонто 117-94
Филаделфија - Детроит 93-106
Сакраменто - Мемфис 112-123