Женската кошаркарска репрезентација остана без селектор - Ашаданов поднесе оставка
Ашаданов ја презеде репрезентацијата во 2021 година, а сега процени дека е време за затворање на едно поглавје од својата тренерска кариера. Неговото заминување отвора ново прашање за иднината на женската сениорска селекција, која во следниот период ќе треба да добие нов предводник и да продолжи со градењето на конкурентен тим.
Ашаданов се збогуваше со функцијата со порака во која се осврна на годините поминати во националниот тим, благодарноста кон кошаркарките и стручниот штаб, но и вербата дека женската кошарка во Македонија има простор за напредок.
„По пет години посветеност, работа и неизмерна љубов кон женската кошарка, дојде моментот да го завршам мојот селекторски пат со женската сениорска репрезентација на Македонија.
Овие пет години беа исполнети со предизвици, одговорност, тешки одлуки, многу работа и моменти што засекогаш ќе останат дел од мојата кариера. Во секој момент се трудев да го дадам максимумот од себе, да ја претставувам Македонија со достоинство и да придонесам за развојот на женската кошарка.
Посебна благодарност до сите кошаркарки кои беа дел од овој пат, до мојот стручен штаб и до сите кои искрено веруваа во идејата и работеа за заедничката цел. Секогаш верував дека функциите се минливи, но делата, односот и трагата што ја оставаме зад себе остануваат.
Од оваа позиција заминувам со гордост за сè што вложив, со почит кон националниот дресот и со верба дека женската кошарка во Македонија има потенцијал за уште поголеми достигнувања.
Пет години не се само период. Тоа е дел од животот, од кариерата и од мене како човек и тренер. Благодарам за довербата, заедничкиот пат и сите моменти што ги споделивме“, објави Ашаданов.
Пред неговиот наследник ќе има сериозна задача. Репрезентацијата се соочува со кадровски предизвици, а промените во играчкиот состав и повлекувањето на дел од досегашните репрезентативки дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Кошаркарската федерација на Македонија ќе треба да најде решение со кое ќе се постават темелите за следниот циклус