Стефанов пред квалификациите за ЕП: Грците се незгодни, но ние сме - поквалитетни!
Македонскиот национален тим квалификациите ги отвора на 4 ноември на домашен терен против селекцијата на Луксембург, додека четири дена подоцна следи незгодното гостување кај Грција. Останатите натпревари од овој квалификациски циклус се закажани за следната година. Селекторот Кирил Лазаров во текот на следната недела ќе го објави официјалниот список на повикани ракометари за овие два воведни предизвици.
Анализирајќи ја групата, Стефанов ја посочи Шведска како главен фаворит, но потенцираше дека македонската репрезентација поседува квалитет и искуство за да се носи со сите останати ривали, вклучувајќи ја и селекцијата на Грција.
„Шведска е фаворит, а Грците се незгоден ривал, што го докажаа во последните години. Ние, сепак, сме поискусна селекција, така што очекуваме победа и на теренот на противникот. Не одиме со бело знаме во грција, сметаме дека сме поквалитетни. Нормално, очекуваме пласман на ЕП 2028. Се надевам дека сè ќе биде во најдобар ред, играчите ќе бидат здрави и ќе донесеме радост на цела Македонија“, истакна Стефанов.