Лазаров: Многу вложивме во оваа генерација, очекуваме резултати
Лазаров повикува на максимална сериозност и без потценување на противниците, особено кога станува збор за Луксембург и Грција со кои на почетокот на ноември ги стартуваме квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Според него, Грците покажале дека поседуваат квалитет со победата над Холандија, додека Луксембург има селектор со врвно ракометно искуство.
„Не смееме да потцениме никого. Луксембург има светски и олимписки шампион за селектор, мој поранешен соиграч од Сиудад Реал. Со Грција тоа ќе биде еден тврд натпревар. Покажаа против Холандија дека се квалитетни и направија големо изненадување. Таму Холандија беше комплетна, без некои отсуства“, истакна Лазаров.
Селекторот е задоволен од пристапот на репрезентативците, нагласувајќи дека играчите се борат за националниот дрес и дека очекува таквиот однос да продолжи. Воедно, смета дека Хориха може да донесе дополнителен квалитет, особено во подолгите турнири, кога на тимот му е потребна поголема ротација.
„Момците се борат за државата и сигурен сум дека ќе продолжат во таков ритам. Не сакам да давам изјави дека со Хориха ќе бидеме толку многу посилни, но видовме на турнирите дека ни фали гориво во текот на турнирите, а сега добиваме еден квалитетен играч“, вели селекторот.
Лазаров смета дека вложувањата во оваа генерација низ годините треба да почнат да носат резултати и дека сега е вистински момент репрезентативците да покажат напредок и на теренот.
„Низ годините многу се работеше и се инвестираше во оваа генерација и сега сметам дека е време и тие да прикажуваат подобри игри и да носат подобри резултати“, додава Лазаров.
Позитивен сигнал за селекторот е и работата со македонски играчи во клубовите, како и враќањето на Лазаревски по повредата. Иако признава дека ракометарот сè уште не е во најдобра форма, Лазаров верува дека наскоро ќе се врати на посакуваното ниво. Конечниот список сè уште не е готов, бидејќи селекторот има неколку дилеми.
„Ме радува што Пелистер работи со македонски играчи, исто Лазаревски се враќа од повредата. Можеби не е во најдобра форма, но верувам дека брзо ќе се врати. Имам неколку дилеми, но тоа е добро, да сте на слатки маки, затоа нема да брзам со списокот“, објаснува македонскиот селектор.
Посебен предизвик за Македонија е и Шведска, селекција која Лазаров ја става во истиот ранг со Данска. Сепак, тој потсетува дека Македонија веќе знаела да ги изненади и најсилните противници, па затоа не ја исклучува можноста за нов голем резултат, особено со поддршката од публиката во Скопје.
„Шведска е во рангот на Данска, меѓутоа сме ги победиле и нив, па зошто пред полн 'Борис Трајковски' да не приредиме уште едно големо изненадување“, порача Лазаров.
Пласман на Европското првенство обезбедуваат првопласираните две репрезентации во групата, плус четири од најдобрите третопласирани селекции во квалификациите.