Официјално се разведе најконтроверзната брачна двојка во фудбалот

По повеќе од две години судски спорови и турбулентен однос, Мауро Икарди и Ванда Нара и официјално се разведоа. Судот во Милано донесе одлука со која го раскина нивниот брак, но пресудата привлече особено внимание поради одбиените финансиски барања на аргентинската водителка и претприемачка која во исто време беше и менаџерка на фудбалерот и нејзин сопруг.

Икарди самиот ја објави веста преку социјалните мрежи, каде што сподели делови од судската одлука и не го криеше задоволството од исходот.

„Денес ја славам оваа пресуда и почетокот на нова етапа. Има причини за наздравување“, порача фудбалерот.

Еден од најважните делови од пресудата се однесува на финансиските побарувања на Нара. Судот го одби нејзиното барање за месечен надомест од 100.000 евра по разводот, како и претходното барање за издршка од 250.000 евра месечно за време на разделбата. Според судската процена, таа располага со сопствени приходи и имот што ѝ овозможуваат самостојно да ги покрива своите потреби.

Судот не го прифати ниту аргументот дека Нара ја жртвувала својата професионална кариера заради семејството и двете ќерки што ги има со Икарди. Во образложението се наведува дека не било докажано оти бракот ја спречил во професионалниот развој. Напротив, според процената на судот, нејзината популарност и професионалните можности се прошириле во периодот кога била во брак со аргентинскиот фудбалер, кој настапуваше за Интер и беше капитен на клубот. Дополнително, Нара е задолжена да му надомести на Икарди две третини од судските трошоци во постапката за развод.

Иако бракот е официјално раскинат, правните несогласувања меѓу поранешните сопружници не се целосно завршени. Икарди потврди дека во Милано сè уште се води одделна постапка поврзана со преносот на одредени недвижности од неговиот имот. Фудбалерот бара тие трансакции да бидат поништени и имотот да му биде вратен.

Икарди и Нара се венчаа во 2014 година, а нивната врска со години беше во центарот на вниманието на медиумите. Покрај семејниот живот, Нара имаше важна улога и во управувањето со професионалната кариера на Икарди. Нивниот однос помина низ повеќе кризи и помирувања, пред разделбата во 2024 година да прерасне во долга судска битка.