Клоп се „вади“ по поразот од Грција: Подобро да имам лош почеток, отколку - лош крај!
Гостите одиграа исклучително дисциплинирано, трпеливо одолевајќи им на домашните напади, за на крајот во 74. минута целосно да го нокаутираат фаворизираниот ривал. Херој на грчкиот национален тим беше Димитрис Курбелис, кој со голема доза на спортска среќа успеа да го матира германскиот голман Александер Нибел и да обезбеди огромна победа. Веднаш по неочекуваниот неуспех, селекторот на германската репрезентација, Јирген Клоп, застана пред јавноста и не бараше алиби, преземајќи ја целосната одговорност за лошиот резултат.
Тој призна дека процесот на создавање нов тим е полн со осцилации и дека на екипата ѝ недостига потребната воиграност.
„Со сите промени кои ги направив, поразот секако е моја вина. Очигледно е дека немаше да победиме со голема разлика против противник кој се бранеше толку длабоко, но не смеевме ниту да загубиме ваков натпревар. Грците во основа само играа со длабински топки. Не ми се допадна примениот гол, иако беше малер и сплет на околности, мораме подобро да се справуваме со тоа. Ние сме тим кој е тукушто создаден и продолжуваме да покажуваме моменти во кои добро се разбираме, но може да се случи и спротивното. Денеска не можевме да го спроведеме нашиот план. На фудбалот му треба тренинг и автоматизација, а ние сè уште ја немаме доволно“, истакна искрениот Клоп.
Фокусирајќи се на пошироката слика, трофејниот стратег нагласи дека овој период служи исклучиво за собирање информации и интегрирање на новите репрезентативци.
„Сум загубил многу повеќе натпревари во животот отколку што би сакал. Можам да го поднесам тоа. По вакви средби, едноставно морате да учите од нив и да се подобрите. Планот во текот на овие четири натпревари е да се соберат што повеќе информации. Отворивме врата за нови лица, а тие не згрешија многу. Од моја перспектива, немаше начин како поинаку да се постави сè и стојам 100 отсто зад проектот. Се чувствував добро, освен во тие последни 20 минути. Ќе го пронајдеме својот ритам и сè ќе си дојде на свое место. На крајот, повеќе сакам да имам лош почеток отколку лош крај“, поентираше германскиот селектор во својот препознатлив стил.