Ѓоковиќ доби пеколен пат до титулата на турнирот на кој никогаш не загубил!
Овогодинешната ждрепка, сепак, на Србинот му донесе исклучително тежок пат исполнет со сериозни пречки до евентуалното подигнување на шампионскиот пехар. Поради падот на 12. позиција на АТП листата, Ѓоковиќ е поставен дури како шести носител на турнирот. Настапот го почнува против португалскиот тенисер Нуно Боржеш, кој минатата година забележа солидни настапи на азиската турнеја. Тие имаат одиграно само еден меѓусебен дуел кој му припадна на српскиот тенисер - во четвртфиналето на ланскиот турнир во Атина.
Доколку успешно ја мине првата пречка, во второто коло го очекува подобриот од пресметката помеѓу Јунчаокете Бу и Хуан Мануел Серундоло. Аргентинскиот тенисер Серундоло се прослави оваа година откако приреди вистинска сензација и по епски пресврт го елиминираше Јаник Синер на Ролан Гарос. Инаку, Италијанецот го пропушта турнирот во Пекинг поради проблеми со повреда.
Вистинските предизвици за Ѓоковиќ следуваат во завршницата од натпреварувањето. Во четвртфиналето го чека најтешкиот можен ривал од тој дел од ждрепката, Александар Зверев, додека во евентуалното полуфинале би вкрстил со Данил Медведев или Јакуб Меншик. Доколку стигне до големото финале, за пехарот би се борел против Феликс Оже-Алијасим, Флавио Коболи или Алекс де Минор.
И покрај пеколниот ждреб, Пекинг претставува вистинска тврдина за Ѓоковиќ каде што тој никогаш во својата кариера не загубил. Неговиот застрашувачки биланс во кинеската престолнина изнесува 29 победи без ниту еден пораз, при што има освоено шест шампионски титули со само три загубени сета во целокупната историја на неговите настапи на овој турнир.