Тежок удар за Путин: Шампионката од Ролан Гарос се откажува од Русија!
Младата суперѕвезда, која веќе подолг временски период живее и професионално се усовршува во Франција, е на добар пат да стане следната во долгата низа руски спортистки кои донесоа радикална одлука да настапуваат под туѓо знаме. Дека ваквото црно сценарио за рускиот спорт е само прашање на време, јавно потврди и поранешниот деветти тенисер на светот, Андреј Чесноков, кој смета дека овој потег е сосема очекуван во актуелните геополитички и спортски околности.
„Мислам дека е само прашање на време кога Андреева ќе си замине. Таа живее и тренира во Франција и дефинитивно ќе си замине. Тоа е актуелен тренд во моментов, сите заминуваат. Како што можете да видите, секој го избира она што му е најкомфорно“, изјави Чесноков, меѓу редови потврдувајќи дека виновник за ова е политиката на претседателот Путин и војната со Украина.
Оваа директна опсервација целосно се надоврзува на неодамнешното признание од страна на претседателот на Рускиот тениски сојуз, Шамил Тарпишчев. Тој искрено потврди дека руските спортисти масовно ги менуваат своите пасоши пред сè од чисто практични причини – со цел да си ги олеснат константните патувања, да го решат проблемот со добивањето визи и да обезбедат непречено учество на меѓународните турнири.
Пред Андреева, од рускиот пасош веќе се откажаа бројни успешни тенисерки како Ана Блинкова, Дарија Касаткина, Варвара Грачева, Алина Чараева, Оксана Селехметева и Алиса Октјабрева. Евентуалното заминување на петтата тенисерка на планетата би бил најјасниот сигнал досега дека руската тениска империја сериозно и неповратно се осипува.