Кими Антонели е првиот Ф1 „крал“ на Мадрид
Антонели стартуваше од второто место, зад Ландо Норис, но уште на првите свиоци започна големата борба за водството. Норис успеа да ја задржи првата позиција, додека Антонели излета од патеката во обидот да го нападне. Италијанецот мораше да му ја врати позицијата на Норис, а во хаосот и Макс Верстапен беше принуден да врати две позиции поради излегување надвор од патеката.
Норис потоа почна да ја зголемува предноста и по само неколку круга имаше повеќе од четири секунди предност пред Антонели. Во меѓувреме, проблемите започнаа за Луис Хамилтон. Британецот пријави проблеми со сопирачките, падна на последното место и во седмиот круг мораше да се откаже од трката. Клучниот момент следуваше во 15. круг. Ленс Строл излета од патеката, по што беше активиран виртуелен безбедносен автомобил. Верстапен веднаш влезе во бокс, а истото го направија и Антонели и уште неколку возачи.
Норис остана на патеката уште еден круг, но кога влезе во бокс, неговиот тим имаше проблем при промената на гумите. Пит-стопот траеше предолго и возачот на Мекларен се врати на патеката дури на петтата позиција, што целосно ја промени неговата трка. Во тој момент Шарл Леклер ја презеде лидерската позиција, бидејќи Ферари сè уште немаше направено пит-стоп. Антонели беше веднаш зад него и постепено ја намалуваше разликата.
Леклер долго време успеваше да го контролира темпото, додека Антонели внимателно ги чуваше гумите. Во меѓувреме, Верстапен и Норис ја продолжија борбата за позициите зад нив. Како што се приближуваше финишот, стратегијата повторно одигра клучна улога. Во 49. круг Леклер конечно влезе во бокс, со што Антонели автоматски го презеде водството.
Шест круга пред крајот ситуацијата беше крајно интересна. Антонели имаше нешто повеќе од две секунди предност пред Верстапен, додека Норис беше веднаш зад возачот на Ред Бул и се подготвуваше за напад за второто место. Италијанецот, сепак, не дозволи дополнителна драма. И покрај тоа што во 52. круг пријави дека удрил во ѕид, болидот не претрпе сериозна штета, а Италијанецот успеа да ја зголеми предноста и сигурно да стигне до карираното знаме.
Антонели сега има 292 бода во генералниот пласман, 81 повеќе од Џорџ Расел, на девет трки до крајот на сезоната. Следната се вози на 26 септември низ улиците на главниот град на Азербејџан, Баку.