Кошмарна вечер: Меси промаши пенал, доби жолт и ги погоди - двете стативи (ВИДЕО)

Лионел Меси имаше вечер за заборав во убедливиот пораз на Интер Мајами на гостувањето кај Нешвил (1-4), откако аргентинската суперѕвезда промаши пенал, доби жолт картон и двапати ја погоди стативата.

Тимот од Флорида сезонава ја брани шампионската титула, но засега не изгледа како тимот кој доминираше во претходната сезона. Тоа особено се виде на гостувањето кај Нешвил, каде што ниту Меси не успеа да го спаси својот тим од тежок пораз. Домаќините поведоа преку Најара во 17. минута, по што Интер Мајами доби идеална можност да израмни од пенал во средината на првото полувреме. Одговорноста ја презеде Меси, кој се обиде да го измами голманот со изведување во стилот на Жоргињо, но неговата намера беше прочитана и ударот беше одбранет.

За Аргентинецот ова беше трет промашен пенал во низа, откако претходно не реализираше два удари од белата точка на Светското првенство кое летово се одржа во САД, Канада и Мексико. Меси сепак успеа да остави свој печат до крајот на првото полувреме, кога му асистираше на Сеговија за израмнување на 1-1. Во продолжението Нешвил целосно го надигра актуелниот шампион и со три гола во период од само 14 минути стигна до убедливи 4-1.

Колку не беше вечерта на Меси најдобро покажа една од последните акции на натпреварот. Аргентинецот најпрво ја погоди едната статива, топката повторно дојде до него, по што со нов удар ја затресе и другата статива.