ФФМ жестоко ѝ одговори на Шкендија: Заврши времето на привилегии, правилата важат за сите!
Во обемно соопштение, од ФФМ истакнуваат дека наместо да преземе одговорност за инцидентите на трибините, тетовскиот клуб се обидува вниманието да го насочи кон Федерацијата и нејзиното раководство.
„Никакви уцени, притисоци или закани нема да нѐ поколеба во намерата да ставиме крај на дивеењето на трибините, без разлика од кого доаѓа. Почитувањето на противникот, навивачите, законите и државните симболи е обврска за сите и нема да има исклучоци. Правилата мора да важат подеднакво за секој клуб, секој поединец и секој субјект во македонскиот фудбал“, порачуваат од ФФМ.
Од Федерацијата нагласуваат дека европските настапи и финансиските придобивки што ги добиваат клубовите се резултат на учеството во македонскиот фудбалски систем и натпреварувањата под нивна организација, а не заслуга на која било друга институција или држава. Во реакцијата се посочува и дека е нелогично денес да се оспорува работата на раководството на ФФМ, кога токму со истото раководство Шкендија минатата сезона ја освои шампионската титула и забележа значајни резултати на европската сцена. Федерацијата открива дека уште од првиот ден понудила соработка со сите клубови, но тврди дека од раководните структури на Шкендија во повеќе наврати добивала арогантен и потценувачки однос.
Посебен осврт е направен и на најавите за можно повлекување на спонзорот на клубот. Од ФФМ велат дека тоа е деловна одлука која ќе биде почитувана, но нагласуваат дека таквите пораки нема да имаат никакво влијание врз работата на федерацијата и нејзините органи.
„Во однос на најавите за можно повлекување на спонзорот, тоа е нивна деловна одлука и ФФМ ќе ја почитува. Но никој не треба да очекува дека преку такви пораки ќе влијае врз одлуките на федерацијата или нејзините органи. Правилата се исти за сите клубови, без разлика како им се вика спонзорот, колкава е неговата финансиска моќ или какво влијание некој верува дека поседува. Потенцирањето на името на спонзорот во соопштенија, јавни настапи и заеднички состаноци не го фасцинира ова раководство на Федерацијата, ниту претставува аргумент што може да влијае врз дисциплинските одлуки“, стои во соопштението.
Од ФФМ додаваат дека темата ја сметаат за затворена и повторуваат дека интегритетот на натпреварувањата, почитувањето на законите и еднаквиот третман за сите ќе останат принципи од кои нема да отстапат.
„Правилата ќе важат за сите, вклучително и за Шкендија и нејзиниот спонзор. Без исклучок“, порачуваат од Федерацијата.
Целото соопштение на ФФМ прочитајте го ТУКА.