Втора радост за ПСЖ, солзи во Лондон - Арсенал уште ќе чека трофеј во ЛШ! (ВИДЕО)

Пари Сен Жермен на пенали го одбрани трофејот во Лигата на шампионите и по вторпат стигна до европската круна откако во регуларниот дел беше 1-1.

Арсенал подобро го отвори финалето и по само шест минут игра со голот на Каи Хаверц дојде до предност, Германецот така покажа дека знае како се играат големи натпревари затоа што погоди и во финалето во 2021 година во дресот на Челси.

Во продолжение гледавме игра каква и што се очекуваше, ПСЖ ја имаше топката, Арсенал чекаше шанса од контранапади.

Но, нападите на ПСЖ не изгледаа опасно, Французите како да немаа идеја кога ќе дојдат блиску до голот на Раја. Арсенал одново сериозно се закани и повторно преку Хаверц, Германецот по една контра се најде во одлична прилика, но Маркињос стигна навреме да интервенира.

Финишот од полувремето донесе и една интересна сцена. Судијата Даниел Зибер досуди корнер, меѓутоа набрзо додека Арсенал се подготвуваше да го изведе означи крај на полувремето и ги испрати фудбалерите во соблекувалната.

Вториот дел во целост му припадна на ПСЖ, Арсенал ретко излегуваше на противничката половина, а голот за израмнување стигна во 64. минута. Кварацхелија изнуди најстрога казна, додека сигурен реализатор беше Осман Дембеле.

По тој погодок следуваше и интервенција на полицијата откако навивачите на ПСЖ зад голот на Раја направија вистинско пиротехничко шоу. За среќа не дојде до некој поголем инцидент, па дуелот за брзо продолжи.

Во продолжение мрежите мируваа, па дуелот отиде во продолженија. Најголемата прилика за израмнување ја пропушти Баркола кој буквално во последните моменти од слична позиција како кога Хаверц погоди за Арсенал не успеа да ја смести топката во мрежата.

ПСЖ продолжи да ја има топката во свој посед и во продолженијата, меѓутоа не ризикуваше премногу, Арсенал пак продолжи да биде повлече на својата половина, па победникот се решаваше на пенали.

Прв во пенал рулетот промаши Езе кој ужасно лошо го изведе ударот од белата точка, Раја веднаш потоа одбрани, меѓутоа трагичарот беше Габриел кој го промаши голот во петата серија.

Инаку, ова беше 12-ти пат победникот во едно финале од Лигата на шампионите да го решаваат ударите од белата точка.