Кливленд без шанси, Њујорк на пола пат до првото финале по 27 години (ВИДЕО)
На овој начин, тимот од „Големото јаболко“ успеа да го одбрани својот терен во првите два натпревара и да поведе со 2-0 во серијата, па сега може без притисок да се пресели во Кливленд.
Најдобар настап во натпреварот за победничкиот тим имаше Џош Харт, кој постигна 26 поени, а додаде и седум асистенции, додека Микал Бриџис и Џејлен Брансон исто така одиграа солидно, постигнувајќи по 19 поени. Донован Мичел се истакна за поразениот тим со 26 поени, додека Џејмс Харден постигна 18.
Натпреварот беше доста неизвесен на почетокот, па и во целото прво полувреме. Првата четвртина им припадна на гостите 27-24, додека во втората Никс успеаја да направат пресврт и да одат на полувреме со разлика од само три поени на (53-50).
Тоа беше најава за остатокот од натпреварот во кој целосно доминираше домашниот тим. Во последната четвртина Никс отидоа на +14 и Кливленд воопшто немаше ни можност да се надева на изненадување. Следните два натпревара од серијата се играат во Кливленд, а првиот е во ноќта помеѓу сабота и недела. Њујорк не играл во големото финале на НБА од 1999 година и сега има можност конечно да го прекине долгиот пост.