Хаос на „Ролан Гарос“ - судијата мораше да спречува тепачка (ВИДЕО)

Квалификацискиот натпревар за „Ролан Гарос“ помеѓу Педро Мартинез и Реи Сакамото беше обележан со сериозен инцидент, кој речиси ескалираше во физичка пресметка помеѓу двајцата тенисери.

Мартинез го доби натпреварот со резултат од 6-2, 7-5, а веднаш по последниот поен влезе во жестока расправија со јапонскиот играч, покрај мрежата. Наместо вообичаеното ракување, дојде до вербален конфликт кој се закануваше да ескалира во физичка пресметка, а според извештаите од теренот, Шпанецот во еден момент му предложи на својот ривал да ги разјаснат работите надвор од теренот.

Ситуацијата ја контролираше судијата Џон Блом, кој стана од столчето за да ги раздели спротивставените страни и на крајот да ја деескалира ситуацијата. Сè уште не е познато што довело до конфликтот, но за време на натпреварот беше забележлива голема тензија.