Газдата на Панатинаикос направи хаос во Валенсија, па јавно излажа (ВИДЕО)
Контроверзниот газда постојано гестикулираше, им приговараше на судиите и скокаше од своето место за што добил пријава до полицијата и му се закануваше притвор. За него зборуваше и тренерот на Валенсија, Педро Мартинез кој го обвини дека одел до записничката маса и зборуваше дека е срам за клубот. Јанакопулос потоа јавно му се обрати, преку Инстаграм и уште повеќе се дозакопа.
„Господине Мартинез, би сакал да ви кажам, по изјавата што ја дадовте за мене, нарекувајќи ме со којзнае какви имиња, следново: Ќе ви честитам затоа што сте одличен тренер, вашата Валенсија е неверојатна, Валенсија се претвора во огромен клуб во кошарката и вие сте една од причините за тоа, но што се однесува до она што го кажавте за мене… Жал ми е, но вие сте лажго.
Никогаш не сум се приближил до судиската маса. Стоев зад клупата на Панатинаикос и го изразував моето незадоволство од прекршок што не беше досуден. И искрено, гледајќи ги овие два натпревари, не мислам дека Валенсија треба да зборува за судиите. Тоа е тоа, ви посакувам добро продолжение на серијата.
Единственото нешто што се случи беше што загубивте со 0-2 на ваш терен, по фантастичната сезона што ја имавте. Но, ако сакате да станете одличен тим, а не само добар тим, мора да научите како да губите, а не да го обвинувате тимот што победил“, објави Јанакопулос.
На снимките јасно се гледа дека тој е зад записничката маса и протестира кон судиите, но не е санкциониран. Се шпекулира дека може да добие забрана за присуство на натпреварите на Панатинаикос од Евролига, но прашање е дали тоа ќе го почитува бидејќи покрај двата следни меча против Валенсија, ПАО ќе биде домаќин и на завршниот турнир од Евролигата, кон крајот на мај.