"Во репрезентацијата никој нема загарантирано место, Трајковски не е физички спремен!"
Трајковски според зборовите на селекторот покажал незадоволство затоа што против Данска не почнал од првата минута, меѓутоа според Седлоски тој не е на потребното физичко ниво.
„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден.
Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.
Јани Атанасов пак не е во комбинација за настап поради повреда. Натпреварот со Ирска, Македонија го игра во вторник од 20:45 часот во Даблин.