Македонецот ја покори „Местаља“: Столе Димитриевски е новиот господар на голот на Валенсија!

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски ја доби „војната“ за позицијата меѓу стативите во Валенсија и ќе брани до крајот на сезоната. Повредата на Хулен Агирезабала, но и одличните настапи на нашиот чувар на мрежата му помогнаа да го преземе местото на голот.

„Лилјаците“ се наоѓаа во тешка позиција и беа во борба за опстанок, но и покрај тоа Агирезабала беше прв избор на Валенсија затоа што екипата имаше потпишано таков договор со Атлетик Билбао за позајмица, но Димитриевски трпеливо ја чекаше својата шанса, ја дочека и ја искористи.

Димитриевски доби и насловна страница од соништата на „Супер Депорте“, кој имаше само пофални зборови за македонскиот голман и посочи дека Македонецот го заслужил стартното место во тимот на Валенсија.

Македонскиот голман беше и казнет претходно поради тоа што го коментираше неговиот статус и тоа што не добива шанса да покаже што знае на голот на Валенсија, но издржа сè и потоа блесна кога беше најпотребно.

Димитриевски бранеше на 10 меча во сите натпреварувања од 10 јануари, при што Валенсија победи на пет од нив, а нашиот голман имаше четири „чисти мрежи“.

Фото: ValenciaFC/Facebook