Вардар ќе детонира бомба - почнува преговори со шпански репрезентативец кој бомбардираше на ЕП во Данска!

Лидерот на табелата во Супер ракометната лига, екипата на Вардар е на пат да детонира вистинска бомба и како засилување на донесе шпански репрезентативец кој блескаше на последното ЕП во Данска.

Според информациите кои ги добивме од Пиринејскиот полуостров, двократниот европски шампион почнува преговори со левиот бек на Спортинг Лисабон, Шпанецот Јан Гури, кој би требало да биде и тоа како одлична замена за Украинецот Дмитро Хориха, кој реши да не го продолжи договорот со црвено-црните и по крајот на оваа сезона ќе си замине од Скопје, најверојатно во унгарски ПИК Сегед.

Како што дознаваме, Вардар веќе преговарал со Гури кога дојдоа првите знаци дека Хориха има намера да ја смени средината, но откако Украинецот почна да игра топло-ладно и да дава и сигнали дека можеби ќе остане, управата на скопјани ги ставила преговорите со Шпанецот во мирување. Младиот Гури (23) е незаменлив член на шпанската репрезентација, има вистински топ во десната рака, па така на последното ЕП во Данска постигна 27 голови и беше втор стрелец за селекцијата на „црвената фурија“. Вардар би требало да договори Гури да пристапи за од наредната сезона, како одлично засилување за амбициите на црвено-црните во ЛШ, секако ако скопјани ја задржат челната позиција на табелата.

Гури би ја пополнил позицијата на лев бек, која ќе биде сериозно испразнета по заминувањето на Хориха. Претходно, од клубот си заминаа и Вуко Борозан и Филип Талески, претходно и Србинот Стефан Петриќ , а дојде Бразилецот Франциско Да Силва. Тој е централен бек, но по потреба ја покрива и левата бековска позиција.