Новиот селектор го враќа Итан Хап – без Димитријевиќ против Луксембург и Азербејџан!

Македонската репрезенација в недела ќе ги почне подготовките за претстојните два натпревари од првата претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2029, во кои прво ќе го пречекаме Луксембург, а потоа ќе му гостуваме на Азербејџан.

Тоа ќе биде деби на новиот селектор, Шпанецот Хозе Мариа Берокал, кој уште на стартот нема да смета на нашиот најдобар кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ, кој воопшто не е на списокот повикани играчи за овие средби. Освен неговото често одбивање да игра за жолто-црвените, овој пат причина за неговото неповикување се е евролигашките обврски во дресот на Баерн Минхен и тоа еден ден пред првиот дуел на националниот тим. Берокал и неговиот прв асистент, Ѓорѓи Кочов, мораа да се снаоѓаат и во делот на натурализиран кошаркар исто така поради поклопувањето со Евролигата. Поради тоа од комбинација отпаднаа Омари Мур и Ти-Џеј Шортс, додека Нејт Сестина се уште не игра поради повреда, па стручниот штаб се реши да го врати во составот Итан Хап, кој сега игра за шпанскиот прволигаш Бургос, а кој пред една година одигра две средби за македонскиот состав во квалификациите за ЕП 2025.

Андреј Јакимовски останува лидерот на селекцијата, епитетот заслужен со настапите на средбите минатиот ноември во кои славевме дома против Азербејџан и на гости против Ирска, додека останатите тројца интернационалци се од Косово – Лејсон Зеќири (Башкими), Ваљмир Какруки (Приштина) и Адем Мекиќ (Бора). Од домашните тимови, најмногу репрезентативци разбирливо има МЗТ Скопје и тоа четворица, од Пелистер има двајца, додека по еден има од Работнички, Куманово, Кожув, ТФТ и од Маџари.

СПИСОК НА ПОВИКАНИ КОШАРКАРИ: Војдан Стојановски, Андреј Магдевски, Марин Петков, Андреј Маслинко (МЗТ Скопје), Стојан Ѓуроски (МКК Куманово), Виктор Ефремовски (Работнички), Андреј Митревски, Лука Стојановски (Пелистер), Теодор Симиќ (Кожув), Виктор Ташовски (ТФТ Скопје), Амар Хот (Маџари), Адем Мекиќ (Бора, Косово), Ваљмир Какруки (Приштина, Косово), Лејсон Зеќири (Башкими, Косово), Андреј Јакимовски (Тренто, Италија), Итан Хап (Бургос, Шпанија).