Најсмешното соопштение во историјата: На Барса ѝ е поништен голот затоа што – рачно се цртале линии
Тоа е момент од почетокот на второто полувреме од натпреварот во кој Атлетико победи со 4-0. Судиската технологија ја анализираше ситуацијата рекордно време пред голот на Барселона да биде поништен. Се играше 52. минута од натпреварот кога Пау Кубарси го совлада домашниот голман, предизвикувајќи ерупција од воодушевување на клупата на Барселона со надеж дека тоа е почеток на пресврт. Тренерот Ханси Флик ги крена рацете во знак на славје, но радоста беше краткотрајна. Судијата сигнализираше дека ситуацијата мора да се провери преку ВАР технологијата и никој не очекуваше одлуката да трае толку долго.
Додека судијата Гонзалез Фуертес ја анализираше спорната акција во ВАР собата, тензијата растеше на теренот. Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, им гестикулираше на гледачите да прават галама, додека Флик гледаше со неверица и фрустрација. На крајот, голот беше поништен, а објаснувањето за ваквата одлука е срам за шпанскиот фудбал.
„За време на анализата, беше утврдено дека системот генерирал грешка во моделирањето на играчите поради големата густина на фудбалери на мал простор. По неуспешниот обид за рекалибрирање на системот, ВАР тимот, следејќи го воспоставениот протокол, продолжи рачно да ги исцртува линиите за офсајд со цел да донесе конечна и правилна одлука. Поради оваа исклучителна причина, процесот на преглед траеше подолго од вообичаеното и спречи графичката реконструкција да се прикаже на телевизија, бидејќи САО Т(полуавтоматски офсајд) системот не можеше да се користи.“
САОТ е алатка што му помага на ВАР да донесува побрзи и попрецизни одлуки за офсајд со одредување на релативната позиција на играчот во точниот момент кога е одиграна топката. Тоа е полуавтоматизирана технологија што користи вештачка интелигенција за да утврди офсајд.
Иако Атлетико заслужено победи, ова не е првпат сезонава Барселона да биде оштетена од ВАР системот. Нешто слично се случи на првенствениот меч против Сосиедад во Сан Себастијан кога на каталонскиот тим му беа поништени дури три гола од кои за два потоа Судиската комисија призна дека биле погрешни одлуки.