Лидерот во ПМФЛ, Вардар на најдобар можен начин го отвори вториот дел од сезоната победувајќи 5-1 во дуелот против Арсими, а посебно се истакнаа дел од новите имиња кои пристигнаа во зимскиот преоден рок.

Победата на избраниците на Седлоски беше најавена по само пет минути игра кога засилувањето од Србија, Стефан Цветковиќ го отвори резултат. Нов гол видовме веќе во 18-тата минута, Николов зголеми на 2-0, а по нешто половина час и Велковски погоди на својот прв натпревар по враќањето.

Не застана тука, Вардар, па пред крајот на полувремето Босанчиќ искористи една грешка на одбраната на гостите и постигна гол за 4-0.

Во вториот дел Вардар подзастана и сигурно ја чуваше убедливата предност, постигна и петти гол кој беше дело на Омерагиќ, додека Арсими во самата завршница само го ублажи поразот со гол на Цуцули од пенал.